Уште 8 лица чекаат да бидат евакуирани од Украина од кои 4 се македонски државјани, а 4 се Украинци, но се во семејна врска со нашите граѓани. Со досегашните евакуации во Македонија се пренесени околу 80 проценти од евидентираните македонски граѓани, но има и пет семејства кои не сакаат да бидат евакуирани информираше министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој рече и дека засега нашата амбасада останува во Украина се додека е потребно да помогне во извлекувањето на нашите граѓани со нивните семејства.
„Има и други наши граѓани околу 20-ина, меѓутоа тие не бараат евакуација. Еве ќе спомнам неколку од нив, нема да ги кажувам имињата само првата буква, семејството Т три лица имаат возило но не сакаат да се евакуираат, семејство А три лица мајка и две деца нагласуваат дека не сакаат да се евакуираат освен ако се случи поголема ескалација во местото каде што тие престојуваат“, вели Османи.
Османи напомена и дека Македонија се подготвува за прием на бегалци од Украина а за тоа веќе се прават анализи за државните капацитети. Вели дека не очекува голем број но доколку има потреба ќе бидат
организирани и импровизирани сместувалишта.
„Ние нема да одбиеме ниту еден украински бегалец кој што ќе ни стигне на граница. Напротив ќе биде примен со сите аспекти на хуманитарно згрижување. Јас не очекувам во овој период дека ќе имаме голем бран, затоа што сепак одат во другите држави во соседство на Украина меѓутоа бројките гледате дека се зголемуваат се стига до 3 – 4 милиони украински граѓани кои што ја напуштаат Украина сепак ние да бидеме подготвени“, рече Османи.
Османи на денешната средба со новинарите информираше и за разговорите со Бугарија особено за разговорот што ги имал со бугарскиот премиер Петков на форумот во Анталија. Тој најави дека идната недела во посета на земјава треба да пристигне и бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска. За објавената содржина од записникот кој открива различни ставови на Петков и Генчовска по однос на спорот со Македонија, Османи вели дека нема таков впечаток, а дека со Петков разговарале околу динамиката и разликите што сè уште постојат во три спорни точки иако не сакаше да обелодени за кои прашања станува збор.
