Македонија засега безбедна од коронавирус, Филипче: Имаме доволно количини заштитна опрема

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Македонија нема ниту еден сомнителен случај со корона вирус, земјава е подготвена да се справи со корона вирусот и состојбата е под контрола. Од Ниш, Србија се обезбедени реагенси за анализа на вирусот, вели министерот за здравство, Венко Филипче, кој додава дека неговиот ресор ги направил потребните анализи низ здравствените установи за да провери дали располагаат со опрема, материјали и доволна количина лекови.

Инаку, постојат сомнежи за симптоми од смртоносниот вирус кај две момчиња од Хрватска, кои се вратиле од Кина. Но, ова за ТВ21 го демантира директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, Арбен Зибери. Тој вели дека се во контакт со другите држави и дека во Македонија нема место за паника. На 4 лицата кои неодамна се вратија од Кина им се следи здравствената ситуација.

Од МНР велат дека внимателно ја следат состојбата со македонските државјани кои се наоѓаат во Вухан или кинескиот регион.

-Во моментот не се организираат целосни евакуации на странски државјани од Пекинг и од другите делови на Кина. Амбасадата на Република Северна Македонија навремено ќе ги информира македонските државјаните што се наоѓаат на кинеска територија и ќе ги извести за потребната процедура-велат од МНР.

Бројот на починатите од корона вирусот достигна близу 500 , а се потврдени и 20.000 случаи на заразени во 26 земји во светот. Од Националната здравствена комисија велат дека телата на починатите не смеат да се префрлат во друг регион, а ниту пак да се погребат. Според кинеските власти, телата на жртвите од корона вирусот треба се кремираат во близина на местото каде што починале.