Долг од околу 10 милиони евра, наследило новото раководство на Македонска пошта. 2,5 милиони евра од продажбата на акциите од Владата не стигнале на адреса на Пошта. Компанијата не добила и дополнителни 7 милиони евра на основ на опростување на долговите на јавните претпријатија од Владата.
Виновникот како што истакнуваат од таму, нема да се бара кај старото раководство. Велат, не е крив менаџментот, туку дека тоа е долг кој го направиле претходните Влади преку нивните одлуки. По пропаѓањето на Еуростандард банка и ударот од Ковид пандемијата, кој го намалил приливот, сега главната цел на Македонска пошта е финансиско стабилизирање.
„Средствата кои Владата ги дава за плата ќе бидат насочени исклучително за исплата на плати. Нема простор вработените да се плашат за своите работни места бидејќи Менаџментот донесе одлука на пример поштарите кои во услови на Ковид работат без здравствено осигурување да добијат решение за вработување. Сакаме финансиско стабилизирање преку воведување на нови услуги а за тоа се клучни доставувачите и тие ќе бидат привилегирани.“, велат од Македонска пошта.
Раководството на Пошти најави дека од 1 март идната година граѓаните ќе можат своите сметки да ги плаќаат на шалтерите а договорот со Халкбанк ќе биде потпишан до крајот на годината.
Инаку зградата на Централната пошта е именувана меѓу 12-те најзагрозени споменици во Европа
„Ова што го гледате доволно зборува само за себе,тоа се потреби кои чинат огромни финансиски средства. Пошта самата не е во состојба да ги обезбеди барем не за релативно краток период.“, вели Благија Стојчевска, раководител на сектор за градежништво и инвестиции.
Раководството вели дека стои пред огромен предизвик да ја врати изгубената репутација.
