Фотографија од македонското знаме, можеше да се забележи во текот на вчерашниот ден на табакот хартија прикачен на камерата на снимателите на „Австралија Опен“ во КИА арената, пишува австралиското радио СБС на македонски.
Се работи за првиот ден од годинешниот гренд слем, а заедно со македонското знаме има и неколку други, како што се Палестина, Израел, Русија, Белорусија за кои претходно беше истакнато дека се забранети.
Извршниот директор на „Австралија Опен“, Крег Тајли, истакна дека гледачите на овогодинешниот гренд слем во Мелбурн, ќе бидат „спречени да ги истакнуваат палестинските и израелските знамиња“, според правилата кои им дозволуваат “да носат знамиња само навивачите што ги претставуваат играчите кои се натпреваруваат на годинешниот турнир“.
Инаку, Македонија годинава беше претставена од Лина Ѓорческа која, во првото коло во квалификациите загуби со 2-1 во пресметката со Катаржина Кава од Полска и не обезбеди пласман.
