„Макпетрол“: При преземање на материјал за анализа, лабораторијата нема увид во начинот на земање на мострите, ниту знае чии се

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Компанијата „Макпетрол“ денеска испрати писмен став по наводите од страна на „Супертрејд“ дека се направени низа пропусти во начинот на земање на мостри од цистерните.

Од таму велат дека лабораторијата на „Макпетрол“ АД е една од двете акредитирани лаборатории за тестирање на нафтените деривати и биодизел во Република Северна Македонија по стандардот MKS EN ISO/IEC 17025, и работи согласно највисоките домашни и светски стандарди за квалитет.

„Согласно тие стандарди, лабораторијата на „Макпетрол“ АД, не зема примероци, туку анализира веќе земени примероци, а при преземањето на материјал за анализа, нема увид во начинот на земање на мострите, ниту знае чии се. Во нашата лабораторија материјалите стигаат под шифра, а не по име на компанија, токму за да се избегне било каква можност за субјективност.

Со своето 20 годишно искуство и со сите релевантни акредитации, лабораторијата на Макпетрол А.Д. гарантира за резултатите на анализата од мострите кои ни се доставени.  Воедно би сакале да Ве информираме дека при земањето на мострите, телото кое го извршило земањето, чува кај себе т.н. арбитражен примерок за евентуална дополнителна проверка, доколку се оспоруваат резултатите од анализата“, се додава во ставот од компанијата.