Намален е интересот на студентите да се запишат на насоката албанологија на Филолошкиот факултет при Универзитетот Свети „Кирил и Методиј“. Шефот на катедрата, професор Исмет Османи, вели дека во однос на минатите години, годинава бројот на уписи е намален, а тоа, според него, се должи и на моменталната состојба на пазарот на трудот.
„Влијае и пазарната економија, каде што голем број студенти се запишуваат на техничките факултети, особено на информатичките студии. Потоа некои од нив студираат на Економски, Правен факултет и така натаму. Значи останува мал број студенти кои се запишуваат на други факултети. Се подразбира и дека има проблеми од различна природа, без разлика дали се тие демографски или како што исто така спомнавте, заминуваат во странство“, вели Исмет Османи.
Османи вели дека дипломците по албански јазик и книжевност имаат многу можности за вработување.
„Повеќето од оние кои студираат јазик и книжевност работат и во новинарство, некои од нив работат и како јазични уредници или лектори во издавачки куќи и така натаму. Значи, има места каде што може да се вработат по завршување на факултетот“, додаде Исмет Османи.
Професорот Османи ги повикува младите да го изучуваат албанскиот јазик и книжевност, како национално богатство, знаење кое потоа ќе им го пренесат на идните генерации.
