Северна Македонија ќе биде правна држава каде што ќе одговараат сите кои ги прекршиле законите, сега или во иднина, изјави на денешната прес-конференција министерот за правда Бојан Маричиќ.
Намалени судски такси, нова методологија, закон за попис и предлог за зголемување на казните за загадувачите, се дел од работите кои ги наведе министерот Маричиќ, правејќи пресек од првите 100 дена од работата како министер за правда.
– Плановите за иднината ни се амбициозни, намерите ни се јасни и чесни, а посветеноста е максимална, изјави Маричиќ.
Правдата, нагласи тој, мора да биде достапна за сите граѓани.
– Изминатите години бевме сведоци дека граѓаните се жалат на несразмерно високите судски такси. Во првите 100 дена ги намаливме за осум пати. Претходно, плаќаа и до 48 илјади за судски трошоци, а сега тие не може да бидат над 6.000 денари за судски такси, изјави Маричиќ.
Откако ќе решат да тргнат по судските лавиринти, посочи Маричиќ, дел од граѓаните се соочуваат со други проблеми, како што се долги рочишта, неефикасни постапки и нееднаков третман.
– Токму затоа во првите 100 дена заедно со Судскиот совет и Советот на јавни обвинители интензивно работевме на методологија по која следната година ќе се филтрира судството и обвинителството. Ова според нас е најдобриот начин како фелата сама да си ги прочисти своите реодви, изјави Маричиќ.
Нагласи дека сите судии или обвинители кои незаконски постапувале или направиле прекршување во постапките, намерно го одложувале или нестручно постапувале треба да бидат исфилтрирани од правосудниот систем.
– Посебен фокус ќе биде ставен на случаите на висока корупција и организиран криминал. Како што знаете Судскиот совет веќе донесе одлука за разрешување на двајца судии од Основен суд Охрид поради несовесно работење. Со оваа одлука започнува и процесот на филтрација на судството по новите правила. Ова е едиствен чекор за враќање на изгубената доверба во правосудството, изјави Маричиќ.
Советот за реформи во судството очекува да ја потврди методолгијата и набрзо потоа бидат објаснети и деталите.
Информира дека пред неколку дена е постигната согласност со судската полиција за можноста за исплата на додатоци на плата на оваа фела.
– Службениците во сите судови ќе може да добијат додатоци на плата врз основа на обемот на работа. Задоволен сум што овој проблем конечно се реши и судската полиција го доби она што го бараше со правилник за проценка на ризици на работа, изјави Маричиќ.
