Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, денеска поднел оставка од функцијата на која беше избран првпат во јуни 2018 година, дознава Дојче Веле.
Утрово со писмо го информирал претседателот на Собранието за повлекувањето, но во оставката не ги навел причините. Одлуката не ја коментира ниту тој, ниту неговите соработници, а јавноста засега може само да шпекулира, со оглед на тоа дека вториот петгодишен мандат на Бислимоски требаше да заврши во јуни 2028 година.
Пред нешто повеќе од две недели, Управата за финансиска полиција (УФП) поднесе кривична пријава против Бислимоски за злоупотреба на службената положба и овластување. Според пријавата поднесена на 29 јануари, Бислимоски наводно не постапил според Законот за енергетика и не ја одзел навреме лиценцата на компанијата „Тритерол Петрол“ ДООЕЛ Скопје, иако таа не ги исполнувала законските услови за трговија со нафта и горива. Лиценцата требало да биде одземена во јануари 2024 година, но постапката била прекината со незаконско решение и конечно одземена во април 2025 година.
Според УФП, ова ѝ овозможило на компанијата да оствари промет од над 3,15 милиони евра и противправна имотна корист од околу 229 илјади евра во период од 15 месеци.
На прес-конференција, Бислимоски рече дека ќе ги стави на располагање сите информации на надлежните институции за да докаже дека постапката за одземање на лиценцата не била во прекршување на законската регулатива:
„Во наредниот период ќе го следам целиот процес и нема да дозволам на ниту еден начин да биде нарушено моето име. Сè што стои на располагање ќе им биде доставено на институциите. Цврсто сум убеден дека ќе докажеме дека немало прекршување ниту на Законот за енергетика, ниту на Правилникот за лиценцирање“, изјави Бислимоски.
Во ноември минатата година, Финансиската полиција поднесе кривична пријава и против двајца управители на „Тритерол Петрол“ и против компанијата, поради сомнеж за фалсификување исправа и злоупотреба во постапка за јавни набавки.
