Одговорност од инспекциите што не вршеле контроли, „Марш на ангелите” во Виница

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Виница денеска се одржа 43-от „Марш на ангелите“, како симболичен чин на сеќавање и почит кон жртвите од трагедијата во Кочани. Граѓаните тргнаа од плоштадот „Ангел Винички“ и низ градските улици уште еднаш испратија порака дека 63-те згаснати животи не смеат да бидат заборавени, а болката на семејствата продолжува да бара вистина и одговорност.

Учесниците истакнаа дека сеќавањето на загинатите не смее да остане само формалност, туку мора да прерасне во постојано инсистирање на целосно расветлување на случајот и утврдување на одговорноста.

– Иако институциите упорно ја туркаат приказната дека клучната причина била јаглерод моноксидот, останува фактот дека кај најмалку 21 жртва е утврдено присуство на водороден цијанид над граничните вредности. Очигледно за некој 21 човечки живот се статистика што одговара на наративот, па затоа денеска слушаме спинови дека кај поголемиот дел не бил пронајден цијанид. Факт е дека цијанидот е екстремно токсичен гас кој во услови на пожар може драматично да делува, особено при високи температури, чад и недостаток на кислород, изјави Тања Коцева.

Таа додаде дека одговорноста не смее да се сведе единствено на сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов, туку дека мора да се отвори и прашањето за институциите кои требало да постапуваат и да вршат контроли.

– Каде биле инспекторите на ДЗС чија законска должност е да спроведуваат противпожарна безбедност и контрола на опасни материјали? Каде биле градежните инспектори и инспекторите од ДПИ кои требало да утврдат дали објектот ги исполнува условите за работа? Како е можно со години никој да не констатира дека во затворен јавен објект има полиуретански сунѓер кој при пожар може да испушта смртоносни гасови? Сите денес ги набројуваат обврските што требало да ги исполнат, но прашањето е зошто никој не презел ништо навреме. Ова не е само трагедија од пожар, туку и од институционално непостапување и потписи без вистинска контрола, изјави Коцева.

На минатонеделниот марш во Кочани беше испратена порака дека ваквите собири се повик за вистина, правда и суштински системски промени за да се спречат слични трагедии во иднина.