Свидетелствата со оценките на учениците ќе им бидат дадени во втората половина на август, но на родителска средба родителите биле запознаени со успехот на учениците и следеа бурни реакции на социјалните мрежи.
Прашањето што си го поставуваат многумина родители е како може „машините да не работат , а да има производство“ ? Поточно на толку изгубени часови со продолжениот зимски распуст и штрајкот, учениците одлично да го владеат материјалот.
Ова прашање и го поставивме и на педагогот Фоника Станоева од ОО „Блаже Конески“, Аеродром, која вели дека главниот проблем е уписната политика.
Се ангажираат родителите за одличен успех на своите деца за да ги запишат онаму каде што сакаат во средно училиште, а поради тоа се и притисоците врз наставниците за корекции на оцените.
„Реалната слика во сите училишта зборувам на територијата на Македонија е општ одличен успех во сите основни училишта и сметам дека тоа не е реалната слика, впрочем тоа се покажа и на уписите во средните училишта. Дека постојат притисоци за оцени постојат, тоа е реалноста. Кога ќе функционираме како еден здрав систем, на здрави темели, мислам дека нема да се случуваат вакви работи“, вели Фоника Станоева.
Ваквиот општ одличен успех е демотивирачки за учениците кои се трудат, со континуиран одличен успех и го претставуваат училиштето на натпревари. Нашето општество ги деградира ваквите ученици. Мора да постои поголема соработка во триаголникот дете-родители-наставник. Родителите во интерес на своите деца не треба секогаш заштитнички да се однесуваат, туку реално -вели педагогот Станоева.
„Ние секако ќе попуштиме таму каде што гледаме дека ученикот се труди. Знаете кога е лошо, кога учениците кои во континуитет покажуваат слаб успех и поведение кое не е за во училиште родителите тоа не сакаат да го видат и сметаат дека учениот го прави тоа од некоја причина, одмносно од револт кон нешто што му се случува во училиште. Никогаш ние како родители и јас сум родител, не почнуваме од тезата зошто моето дете го прави тоа?“, додава Фоника Станоева.
Учениците со подарени петки понекогаш им ги земаат местата на учениците со рални петки при запишување во средно, но на свидетелставата сите петки се исти. Она што се случи во Орце е шамарот што ни требаше да се освестиме и наставниците и родителите и вакви тестирања треба да се спроведуваат во сите училишта – вели Станоева. Мислејќи на квалификациониот, приемен испит поради поголемиот број на пријавени ученици со сите петки во гимназијата “Орце Николов“ каде од 292 ученици со сите петки само 11 добиле петка, а дури 39 добиле единица .
Од МОН информираат дека општиот успех во 2021-2022 за основните училишта е 4,2, а во средните 3,85.
