Масовната вакцинација почна, но во Србија – стотици македонски граѓани се вакцинираа во Белград и во Ниш

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ветуваа дека масовната имунизација ќе започне на крајот од месец март и погодија.

„Верувам дека на крајот на март и почетокот на април ќе бидеме подготвени за масовна вакцинација“, рече Заев.

Но, наместо во Македонија, масовната имунизација започна во Србија. Стотици автомобили со македонски граѓани утрово направија долга колона на Табановце.

Голем број на наши граѓани се одлучија да се вакцинираат во Ниш и Белград, бидејќи повеќе не можат да ја чекаат долго најавуваната имунизација во нашата држава.

На Табановце се чекаше и до 40 минути.

Граѓаните на Македонија се одлучија преку електронска пријава на интернет страницата „Е управа“ да закажат вакцинација.
Со маски и дистанца чекаа ред пред салата на белградскиот саем.

„Од Скопје доаѓам. Во недела очекуваме да пристигна 1000 вакцини преку ковакс системот. Којзнае кога ќе дојдам на ред така што одлучив да дојдам тука во Белград.“

„Кај нас нема вакцини. Дојдовме овде да се вакцинираме. Благодарни сме многу, што можеме да завршиме порано да се вакцинириме отколку кај нас.“

„Дојдовме, дознавме дека има вакцини. Знаеме дека во Србија сите што сакаа да се вакцинираат, се е тоа спроведено. Ние го потполнивме тој прашалник ради реда, така да кажам. Но, ете имавме среќа да не повикаат да се вакцинираме.“

Пред вакцинацијата, се потпишува согласност, па потоа ги контролира лекар каде им се дава потврда дека можат да се вакцинираат. Октако ќе заврши оваа административна постапка, лицето се додава во базата на вакцинирани лица и добива потврда за примена вакцина.

„По примената потврда се оди во пункт каде работат нашите медицински сестри тоа всушност е пунктот за вакцинација и ја добиваат вакцината“, вели д-р Драгана Милошевиќ.

Угостителска комора на својата фејсбук-страница објави дека во соработка со Стопанската комора на Србија за сите заинтересирани македонски угостители и угостителски работници, вклучувајќи ги и музичарите обезбеди бесплатна вакцинација во Ниш.

„Сите заинтересирани македонски угостители и угостителски работници, вклучувајќи ги и музичарите без разлика дали се членки или не се членки на некоја комора или здружение, обезбеди бесплатна вакцинација во Ниш денеска и утре од 08:00 до 20:00 часот“., велат од Стопанска комора.

Но има и граѓани кои на социјалните мрежи се жалат дека не можат да одат на вакцинација во Србија затоа што терминот за вакцинација им е подоцна. Не можат да се движат затоа што е полициски час а МВР не им дава дозвола за движење.

Во изминатиот период стотици македонски граѓани се вакцинираа во Србија, пред се оние кои имаат некаков српски документ. Минатата недела преку Македонската асоцијација на новинари, во Врање се вакцинираа и дел од новинарите во Македонија. На почетокот на февруари Србија донираше осум илјади дози на вакцини со кои беа вакцинирани дел од медицинските работници. Потоа пристигнаа вакцини од руската Спутник, но наместо ризичната група граѓани, повотрно беа вакцинирани здравствените работници. Овие количини досега се единствените кои успеа да ги добие Македонија. Кинеските вакцини доцнат, а ја нема ниту ветената помош од Бугарија и Грција.