Матичните лекари на протест, министерот се обиде да ги смири со благодарници, тие одбија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Матичните лекари со протест го одбележа Светски ден на здравјето. Пред Министерството за здравство изнесоа нивните барања. Едно од нив е капитациониот бод од 63 да се зголеми на 90 денари по пациент.

За да ја смири ситуацијата, министерот Беким Сали на протестот се појави со благодарници за лекарите.


Но, откако им ги подели, лекарите му ги вратија назад.

Претседателката на Здружението на матични лекари, Лилија Чолакова-Дервишова, рече дека овој протест е последниот повик за спасување на приватните ординации.


Таа додавадека бараат измена на начинот на препишување лекови за пациентите со хронични болести и да се воведат нови лекови. Воедно бараат да се изнајде нов начин на плаќање на лекарите во примарното здравство, односно, како што велат „решенија за опстанок на примарното здравство“.


Министерот за здравство, Беким Сали, истакна дека е запознаен со сите проблеми и дека можат да бидат решени, но без да прецизира конкретна временска рамка.



Лекарите побараа решение за нивните проблеми, инаку во спротивно, како што рекоа министерот треба да поднесе оставка.

Инаку, ресорниот министер Сали објасни дека сега за сега се работи на три можни модели во насока на промена на начинот на плаќање на матичните лекари, најавувајќи дека разговорите со лекарите ќе почнат следната недела.