Меџити: Коридорот 8 не запира, тоа е проект на НАТО – Љутков: Нема артефакти на трасата, но таа е заштитена зона

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Коридорот 8 е незапирлив затоа што е проект на НАТО што ја поврзува Македонија со Албанија“, рече претседателот на Демократското движење, дел од коалциијата ВЛЕН, Изет Меџити. Дискутирајќи за пречките на УНЕСКО за заштитената област на природното и културното наследство на Охридското Езеро, Меџити рече дека ќе се најде заедничко решение и без разлика дали на сегашната траса или друга, коридорот ќе се реализира.

„Коридорот 8 инаку се нарекува и Коридор на НАТО, во моментот кога оваа влада се определила да го реализира тој проект, тоа е за поврзување со Албанија. Не е идејата да се оди од Скопје во Струга или Охрид да се пие кафе, туку идејата е Коридорот 8 да се поврзе со Албанија. Ние можеме да ги почитуваме и правилата на УНЕСКО, но и коридорот ќе се направи.“, рече Меџити.

Министерот за култура Зоран Љутков рече дека на трасата каде поминува делницата Требеништа–Ќафасан нема културен локалитет со артефакти.

„Разговаравме на највисоко ниво за да најдеме заедничко решение затоа што тој проект е направен според НАТО-стандарди што ја поврзуваат Македонија со Северноатлантската воена алијанса. Верувам дека во средината на мај ќе дојдат од комисијата на УНЕСКО и на делегацијата ќе можеме одблиску да им ги покажеме сите инфраструктурни проблеми со кои се соочуваме во регионот на Охрид и Струга.“, вели Љутков.

Инаку, пред еден месец претставници на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Париз на состанокот со 4 наши министри и двајца градоначалници дадоа 8 забелешки за заштитените зони на Охридското Езеро, од кои само една беше Коридор 8, а останатите за дивоградби покрај езерото. Сепак, нашите власти не ги истакнуваат забелешките автопатот Охрид–Кичево, делница кој исто така поминува низ дел од зоната заштитена од УНЕСКО.