Меџити: Скандалот со онкологија да се расчисти брзо, терапијата што им се дава на пациентите со канцер е соодветна

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Системот КАТО за дозирање и контрола на терапијата што им се дава на пациентите кои се лекуваат на Клиниката за Онкологија не е фрлен и не е во подрум, туку се наоѓа во просториите на фармација на Клиниката, изјави министерот за здравство Фатмир Меџити. Тој вели дека се прават анализи дали е потребен нов систем за контрола на терапијата и ги уверува пациентите дека терапијата која ја примаат во моментов е соодветна и порача да не се шират невистини.

-Јавноста да знае КАТО системот не е фрлен ниту е во подрум, туку е во првичната просторија во која е поставен во клиничката аптека и таа соба е заклучена. Неколку месеци пред овој случај да излезе во јавност се правеа финансиски анализи дали КАТО системот да се врати во функција или да се обезбеди нов за контрола на терапијата. Веќе имаме остварено неколку состаноци и со новиот ребаланс на биџетот предвидуваме обезбедување на систем кој долгорочно ќе ги спречи евентуалните злоупотреби во иднина.“, рече Меџити.

Сличен случај за злоупотреба на лекови од страна на персонал на Клиниката имало и претходно. Директорката на Онкологија Виолета Клисаровска рече дека во мај годинава е отстранета една медицинска сестра која била фатена втор пат како злоупотребува терапија на пациенти со канцер, но зошто не била отстранета уште првиот пат кога било откриено тоа, директорката рече дека одговорност треба да се бара од претходното раководство.

Министерот за здравство изјави дека тој и министерството со кое што тој раководи ќе имаат тесна соработка со истражните органи со цел случајот да се расчисти што побрзо. Инаку на Клиниката за онкологија се истражува кражбата и продавањето на црно на лекови против канцер.