Во Собрание дојдоа и пратеници на владиното мнозинство. Пратеникот на ДУИ, Арбен Зибери пред да влезе во Собранието рече дека е грешка тоа што пратениците Албанци седнуваат на иста маса со Левица.
„Би било голема грешка за секој пратеник Албанец да седне на маса која е антиалбанска, антиамериканска, антипрогресивна. Мислам дека и изјавата на Скендер Реџепи беше во тој дух, бидејќи, како што рече и тој, биле изманипулирани, божем обезбедиле ново парламентарно мнозинство, но без двајца та пратеници на Левица, и јас мислам дека за секој пратеник Албанец би било многу тешко да гласа и да биде дел од таа маса“, истакна Арбен Зибери.
И пратеникот Изет Меџити го има истиот став како неговиот сопартиец Зибери.
Но лидерот на АА Зијадин Села рече дека ова е само ПР на ДУИ и низок начин за креирање политика. Според него Апасиев нема политичка моќ за да смени ниедна важна државна одлука.
„Сето ова е само ПР на ДУИ и мислам дека е бесмислено. Ајде да ја кажеме вистината. Се зборува за политичка партија која е формирана сега. Има само 2 пратеника. Не можат да ја тргнат Македонија од НАТО, не се во состојба да ја повлечат или попречат употребата на албанскиот јазик и никако не можат да го повлечат признавањето на Косово како самостојна држава“, посочи Зијадин Села.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека високо ја ценат работата на пратеникот Реџепи и дека се убедени дека тој ќе гласа за недоверба на владата.
Реакциите за Апасиев почнаа во петокот кога се појави фотографија на која на маса се гледаат заедно претставници на АА-ААА, Беса, ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
