Претседателот на ВЛЕН, Изет Меџити, изјави дека вчера во Собранието беше изгласана првата фаза од измените на Законот за игри на среќа, со што, како што рече, започнува вистинското институционално ограничување на игрите на среќа и нивно оддалечување од децата и училиштата.
Меџити посочи дека очекува целосно да заврши постапката за усвојување на законот, со што, според него, ќе се реализира едно од најзначајните ветувања на ВЛЕН.
„Со усвојувањето на првата фаза од донесувањето на Законот за игри на среќа започнува вистинското институционално ограничување на игрите на среќа, нивното оддалечување од децата и училиштата, како и посилна заштита на семејствата од појава која со години остава длабоки последици во нашето општество.
Ова не е само законска измена.
Пред сè, тоа е човечка, семејна и морална обврска кон нашиот народ.
Целта на ВЛЕН е јасна: да се воспостави ред, да се спречи неконтролираното ширење на коцкањето, да се заштитат младите и да се стави крај на осиромашувањето на илјадници семејства кои со години ја плаќаат цената на оваа општествена рана.
Ќе ги заштитиме нашите деца.
Ќе ги заштитиме нашите семејства“, изјави Меџити.
