MEF Energy Forum 2026 – Скопје ќе биде домаќин на најголемиот енергетски форум во регионот!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Скопје на 1 и 2 јуни 2026 ќе стане центар на регионалниот дијалог за енергетската и климатската иднина на Југоисточна Европа, преку деветтото издание на MEF Energy Forum 2026, еден од најзначајните настани во областа на енергетиката и одржливиот развој во регионот.

Во услови на сè поинтензивна климатска и енергетска трансформација, фокусот повеќе не е на тоа дали промените ќе се случат, туку како тие ќе се реализираат, со каква динамика и колку ќе бидат правични за граѓаните и економиите. Токму затоа форумот претставува важна платформа која обединува носители на одлуки, регулатори, инвеститори, меѓународни организации и претставници на граѓанскиот сектор, велат организаторите.

Во изминатите години MEF се етаблира како една од водечките регионални платформи за дискусија и креирање политики поврзани со енергијата и климатските промени. Годинашното издание добива дополнителна тежина бидејќи форумот ќе биде официјален партнерски настан во рамки на претседателството на COP31.

Организаторите посочуваат дека заклучоците и препораките што ќе произлезат од форумот нема да имаат значење само за земјите од регионот, туку ќе придонесат и кон пошироките меѓународни дебати за климатските политики и енергетската транзиција.

Настанот се организира во партнерство со Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Денешните предизвици не познаваат граници, затоа и одговорот мора да биде заеднички. Регионалната соработка е клучна за климатска отпорност, енергетска стабилност и одржлив развој. МЕФ е можност за нови партнерства и конкретни решенија со реален ефект за граѓаните“, порача министерот Мухамед Хоџа.

Посебен акцент ќе биде ставен на регионалната соработка како предуслов за климатска отпорност, енергетска стабилност и одржлив економски развој. Форумот ќе овозможи поврзување на владини претставници, компании и финансиски институции од Западен Балкан, Турција, Европската Унија и други глобални партнери.

Организаторите посочуваат дека MEF Energy Forum 2026 не е само конференција, туку простор каде што политиките се поврзуваат со реалните предизвици, а климатските амбиции се преточуваат во конкретни иницијативи и решенија. Со тоа, Скопје ова лето ќе биде местото каде ќе се водат клучните разговори за енергетската иднина на регионот.