Иако на јавноста изгледаат малку чудни, сепак меѓуетничките партиски коалиции пред изборите се позитивно нешто во нашата држава. Со двата блока, СДСМ, ДУИ, БЕСА, ДПА од една страна и ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива од друга, веројатно ќе исчезне националистичката реторика и атмосфера која била присутна речиси пред сите избори во нашата држава.
Веројатно сега, со оглед на тоа дека стануа збор за локални избори, партиите и кандидатите повеќе ќе се фокусираат на реалните инфраструктирни проблеми, наместо високата политика.
Поранешниот пратеник во првиот собраниски состав на Македонија, Исмет Рамадани вели дека коалицијата помеѓу Села и Мицкоски е малку чудна, со оглед на она што се случуваше во изминатиот период, пред се реториката на партиите, но и 27 април 2017-та година, кога лидерот на Алијанса за Албанците беше брутално претепан, сепак ја поздрави ваквата одлука.
„Зијадин Села е во една тешка ситуација, можеби и лична и психолошка, затоа што тој помина низ тој пургатор на живот или смрт од луѓето кои утре на маса ќе бидат до него или со него. И тоа да се преброди, јас велам алал да му е. Мислам, да се преброди таква ситуација е многу тешко“, истакна Исмет Рамадани.
Поранешниот премиер на државата, Љубчо Георгиевски вели дека уште од самото осамостојување, пред секои избори партиите се користеле со таква, меѓуетничка или националистичка реторика со цел да дојдат до власт. Затоа според него е подобро да има вакви коалиции пред изборите, отколку по изборите, бидејќи на таков начин ќе се избегнат меѓусебните напаѓања со цел само да се добие глас повеќе.
„Мислам дека на некој начин беа мајстори ВМРО-ДПМНЕ на Груевски и ДУИ, ако се сеќавате пред секои избори, реториката се разгоруваше максимално, после избори си правеа Влада како да ништо не се случило“, вели Љубчо Георгиевски.
Герогиевски додава дека ако некој бил во коалиција 4 години, тогаш треба да се очекува да се однесуваат рационално меѓусебно пред и по изборите.
Инаку, на изборите кои ќе се одржат на 17-ти октомври, во одредени општини партиите ќе си дадат поддршка, па така се формираа т.н два блока, од едната страна СДСМ, ДУИ, БЕСА и ДПА, наспроти ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива.
