Уште два брода нападнати во Ормускиот теснец, САД го предупредуваат Иран дека ќе го засилат економскиот притисок

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Транзитот низ Ормускиот Теснец се чини дека речиси целосно запре, откако беа нападнати уште два брода беа нападнати, а САД соопштија дека би можеле неограничено да ја одржуваат поморската блокада на Иран.

Висок ирански извор завчера изјави дека нема напредок во разговорите за надградба на јунскиот договор за прекин на војната. Откако повторно пропадна тогаш договорениот прекин на огнот, Иран ги обнови нападите врз бродови за кои тврди дека се обидуваат да транзитираат низ теснецот без негова дозвола.

Два брода во сопственост на државната компанија „Abu Dhabi National Oil Company“ беа нападнати во вчеравечер додека транзитирале низ теснецот, објави државната новинска агенција на ОАЕ. Владата на Емиратите го обвини Иран, од каде не возвратија со коментар.

Инаку, низ тесниот воден пат на влезот во Заливот вчера поминале девет бродови, што е зголемување во однос на петте во средата, но сепак под августовскиот просек од 12, според компанијата за следење на бродскиот сообраќај Kpler. Според податоците за следење на бродовите, во утрово не бил забележан ниту еден премин.

Како што известува Ројтерс, можно е дел од бродовите да минуваат незабележано, со исклучени транспондери, но бројките се далеку под повеќе од 130 бродови кои дневно минувале низ Ормускиот Теснец пред војната што САД и Израел ја започнаа против Иран во февруари.

„Покрај заканата за енергетската инфраструктура во регионот, способноста на Иран да го ограничи бродскиот сообраќај низ теснецот е неговиот главен извор на влијание во преговорите“, изјави Торбјорн Солведт, главен аналитичар за Блискиот Исток во компанијата за разузнавање на ризици Verisk Maplecroft.

Во меѓувреме, Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави пред новинарите дека американската војска има капацитет неограничено да одржува поморско присуство во регионот за да ја спроведува блокадата на Иран како одмаздничка мерка, која веќе предизвика сериозна економска штета за земјата. „Соединетите Американски Држави можат неограничено да одржуваат таква блокада, бидејќи ќе ги ротираме бродовите, како што правевме и досега, и ќе продолжиме да го правиме тоа“, изјави Хегсет за време на посетата на Панама.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент, пак, изјави дека САД планираат дополнително да му нанесат финансиска штета на Иран. „Следете ја ситуацијата во наредната недела, бидејќи ќе примениме мерки какви што никогаш досега не биле видени во историјата на економската изолација на една земја“, изјави тој во интервју за емисијата „Rob Schmitt Tonight“ на Newsmax.

Претседателот на САД, Доналд Трамп е под домашен притисок да стави крај на непопуларната војна, додека високите цени на горивата влијаат врз неговиот рејтинг и потенцијално би можеле да ја загрозат контролата на неговата партија врз Конгресот на ноемвриските меѓуизбори. Референтните фјучерси на нафтата „Брент“ и американската нафта West Texas Intermediate (WTI) благо пораснаа, достигнувајќи околу 87, односно 81 долар за барел.

Трамп повеќепати тврдеше дека САД имаат „целосна контрола“ врз теснецот, низ кој пред почетокот на војната минуваше една петтина од светската нафта и течниот природен гас. Иран ги отфрли овие тврдења. Техеран порача дека нема да дозволи повторно отворање на водниот пат додека не бидат исполнети неговите услови. Меѓу нив се укинување на економските санкции и ослободување на замрзнатите ирански средства.

Од друга страна, вчера парламентарна комисија во Иран го одобри иранскиот план за теснецот. Тој вклучува одредба со која се забранува транзит на средства и опрема на САД, Израел и други земји означени како „непријателски“, објави полуофицијалната новинска агенција Тасним.

Трамп исто така повеќепати се закануваше со ескалација на воените напади и порача дека ќе го „удри Иран силно“, иако досега се воздржува од испраќање копнени сили, заземање стратешки острови или бомбардирање постројки за десалинизација на вода. Претходно оваа недела Трамп навести дека наместо воена акција ќе се потпре на економски средства.

САД ги заострија економските санкции против Иран, како и против други лица и субјекти за кои тврдат дека му помагаат на Техеран во набавката на оружје, но кампањата на притисок досега не го врати Иран на преговарачка маса.

Глобалните економисти прогнозираат значителен пад на глобалниот економски раст, а во некои региони и можна рецесија, предупредувајќи дека последиците би биле уште поголеми доколку војната не заврши наскоро.