Меѓуетничките инциденти во пораст, социолозите велат дека виновна е политиката

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тенденцијата на пораст на бројката на делата извршени од омраза, забележана во 2018 година, продолжила и во 2019-та. Зголемен е бројот на инцидентите извршени по основ на етничка припадност, кој достигнува до алармантни 85% од вкупно 159 инциденти регистрирани во 2019-та. Речиси сите инциденти се случиле меѓу припадниците на македонската и албанската етничка заедница, а огромното мнозинство на жртви и сторители на тие инциденти се малолетници или млади, пишува во годишниот Извештај на Хелсиншкиот комитет за криминал од омраза.


-Минатата година се регистрирани 159 дела на омраза. Според видот, најголемиот број случаи, односно 115 завршиле со насилство. 84,9% од случаите од омраза се извршени по основ на етничка, а 9.4% по основ на политичка припадност. За 126 случаи се откриени сторителите, за 29 има кривични, а за 32 прекршочни пријави. Оваа табела ни покажува дека за сите овие инциденти нема никаква реакција, односно казна. По градови, главниот град брои најмногу инциденти – 136, потоа следува Куманово со 7 и Тетово со 6-вели репортерката на ТВ21.

Од Хелсиншкиот комитет изразуваат загриженост поради тоа што случаите на омраза обично завршуваат без исход од страна на органите на редот.

Социологот Али Пајазити, вели дека виновна за омразата и меѓуетничките инциденти е политиката.

-Прашањето околу конфликтите меѓу младите во Северна Македонија претставува одраз на политички контаминирано општество, што значи дека политичката култура во РСМ се базира на постојаната „храна“ која се нарекува – национализам. Национализмот е негуван како идеја дека само тој може да ги турка работите напред и дека може да унапреди една заедница, што предизвикува јаз меѓу двете заедници. Овој вирус или оваа појава, како што е Ковид, кој носи свои бранови веќе 30 години, нѐ уништува, ни стои над глава и за жал не ни дозволува да одиме напред-рече Пајазити.

Главно реакциите доаѓаат од граѓанските организации кои работат со посебни маргинализирани групи, кои можеби биле жртви на насилство или говор на омраза, велат од Хелсиншкиот комитет.
Според социологот Пајазити, клучот за добри меѓуетнички односи го држи во раце политиката, потоа интелектуалната елита, академијата, училиштата, образовните институции и медиумите кои негуваат релаксирачка и позитивна клима, додава тој. Инаку, во првите шест месеци годинава, се пријавени 53 случаи на омраза, од кои повторно доминираат инциденти поради етничка припадност.