Менди Ќура се врати во СКСЗМ, но како кандидат за Струга: Во фокусот – отпадот, животната средина и забрзување на локалните услуги

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тој можеби најдобро ги разбира проблемите на бизнисмените, бидејќи беше на чело на Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, а се повлече од таа функција за да се кандидира како независен кандидат за општина Струга.

Менди Ќура се сретна со своите поранешни колеги во СКСЗМ, каде што изјави дека ќе започне соработка со приватна компанија за селекција на отпадот во Струга.

-За општина Струга започнуваме понатамошна соработка што се однесува на селекција на отпадот и ова ќе биде добредојдено за граѓаните на Струга. Ние ќе започнеме соработка од првиот ден со Стопанската комора затоа што има што да понуди, и нормално, ќе се потрудиме да го искористиме искуството на Комората и да го дадеме најдоброто за граѓаните, вели Менди Ќура, кандидат за градоначалник на Струга.

Од СКСЗМ велат дека преку својата платформа доставена до кандидатот за Струга, меѓу другото, побарале и отстранување на дивите депонии и заштита на животната средина. Вршителот на должноста претседател, Нухи Алиу, потенцираше дека Струга е „обележана со црвено“ поради високата стапка на заболени од рак според бројот на жители и дека очекуваат подобрување на состојбата.

-Господинот Менди даде појаснувања и свои проекции како во иднина Струга да не биде на прво место, туку на последно по стапката на канцерогени заболувања, затоа што има конкретни проекти со кои ќе ги ублажи сите фактори што влијаат на појава на рак и ќе придонесе за нивно елиминирање, вели Нухи Алиу, в.д. претседател.

Меѓу темите што биле дискутирани на средбата помеѓу Комората и кандидатот Ќура биле и забрзување на процесот за издавање градежни дозволи, донесување на урбанистички план, функционализирање на администрацијата, поголема транспарентност и почитување на законите што се однесуваат на локалната власт. Да потсетиме дека коалицијата ВЛЕН го поддржува Ќура во неговата кандидатура за Струга.