Агресивноста на ширењето на корона вирусот во овој четврти бран не е толку висока како пред две недели. Има тренд на стабилизирање на бројките, но се уште сме далеку од стабилизација на состојбата воопшто, вели за ТВ21 заменик министерот за здравство Илир Хасани додавајќи дека се уште не се знае каков тренд може да донесе четвртиот бран.
„Сега почнавме и со училиштата, не сме 100% сигурни дека училиштата нема да влијаат на покачување на бројот на заразени. Ние точно знаеме дека е низок процентот на пациенти кои се на возраст под 18 години, некаде околу 3% но не знаеме точно колку тие ќе ги заразат повозрасните“, рече Хасани.
Хасани додава дека притисокот врз болниците останува сериозен, иако не е ист како пред две недели. Ова ублажување на притисокот го потврдува и лекарката Миранда Пајазити од Ковид центарот во Тетово.
„Имаме пад на хоспитализирани, денеска имаме двоцифрен број хоспитализирани, за среќа од дугите денови, денеска се 98. Сите се на кислород, сите се уште се тешки, меѓутоа имаме и пад на бројот на амбулантни прегледи. Синоќа имавме 93 контроли и 9 отпусници и тоа е добра вест што имаме отпусници, но за жал имаме и една жртва“, вели Пајазити.
Ниеден од 98 хоспитализирани во Тетово не е вакциниран, вели докторката Пајазити додавајќи дека процентот на вакцинација во Тетово е зголемен на над 38%. Заменик министерот Хасани вели дека токму вакцината и засилувањето на заштитните мерки се причина четвртиот бран на пандемијата да се ублажи.
„Вакцинацијата е одговорна за четвртиот бран да изгледа поблаг од претходниот бран што го имавме. Има многу фактори кои влијаеја на стабилизирање на состојбата, за падот на четвртиот бран од за разлика од претходниот, барем такво е чувството, сите параметри кои ги анализираме упатуваат дека четвртиот бран е поблаг“, вели Хасани.
Во Македонија има над 15 илјади активни случаи на Ковид 19. На чело на листата и натаму е Скопје со над 6 илјади активни случаи, потоа Тетово со над 1800, Гостивар со над 1000 и Куманово со над 900 активни случаи. Од почетокот на пандемијата живото го загубија над 6 илјади граѓани.
