Мета: Албанија е последна во Европа според бројот на лекари по глава на жител

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Албанскиот претседател, Илир Мета, во реакција на Фејсбук наведува дека Европската фондација за квалификувани човечки ресурси ја рангира Албанија како последна земја во Европа според бројот на лекари по глава на жител, додавајќи дека тоа е драматичен показател за земјата.

-Европската фондација за квалификувани човечки ресурси ја рангира Албанија како последна земја во Европа според бројот на лекари по глава на жител. Драматичен и алармантен показател за влошување на услугите, но и за здравствената состојба на населението. Ова е последица на непроценливите штети предизвикани од концесионалната и корумпирана медицина, која им ги затвори можностите за кариера и професионални патишта на илјадници млади лекари и медицински сестри, кои беа принудени да ја напуштат Албанија и да работат во германските клиники и болници и Европа, пишува Мета.

Затоа, додава тој, земјата е рангирана меѓу првите на континентот по високиот број на смртни случаи, како последица од Ковид-19, во однос на населението, што е последица на „алармантните недостатоци во квалификуван персонал и здравствена опрема, што влијаеше на погрешната стратегија во откривањето, превенцијата и соодветното лекување“.

Не се сомнева дека земјата може да биде рангирана и според зачестеноста на појави на системски и хронични заболувања, кога лекарот е платен 20-пати помалку од „владиниот телал, кој секоја вечер излегува на ТВ и е платен како директор за маркетинг во болница“.

-Заминувањето на лекарите и медицинските сестри мора да се запре, а тоа ќе се случи само кога ќе се разбие заробениот систем од рацете на неколку олигарси, кои го држат во заложништво здравјето на народот, но и кариерата и иднината на здравствените работници. Време е да се запре оваа пустош програмирана од „Преродбата“ (изборно мото на владејачката Социјалистичка партија), оценува Мета.

Според податоците на здруженијата на лекари и медицински сестри, кои веруваат дека бројката е поголема, во последната деценија земјата ја напуштиле околу пет илјади лекари од општа пракса, но и специјалисти по одредена медицинска гранка и двојно повеќе медицински сестри и друг средномедицински кадар.