Милошоски: Абази и Коларевиќ намерно ги испуштиле извештаите на ДЗР за случајот „Мазут” во кој е утврдена штетноста на мазутот за ТЕЦ Неготино

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пратеникот Антонијо Милошоски обвини дека обвинителите од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази и Ивана Коларевиќ, намерно ги изоставиле релевантните извештаи на Државниот завод за ревизија (ДЗР) во постапувањето за случајот поврзан со набавката на мазут за ТЕЦ Неготино, вредна 167 милиони евра.

Во својата реакција, Милошоски тврди дека истрагата за овој предмет се води селективно и дека наместо да бидат анализирани официјални институционални извештаи, биле земани изјави од, како што вели, „непрофесионални и некомпетентни лица“.

Според него, извештај на Државниот завод за ревизија од 2024 година укажувал дека при реализацијата на договорот бил испорачуван мазут од различен добавувач од оној предвиден во договорната документација меѓу ЕСМ, ТЕЦ Неготино и добавувачот.

Тој додава дека, како што наведува, стручни служби во ЕСМ утврдиле присуство на нечистотии во мазутот, кои предизвикувале технички проблеми и дефекти во мазутната станица на ТЕЦ Неготино.

И покрај овие наводи, Милошоски посочува дека бил склучен анекс на договорот, со што вредноста на набавката достигнала 167 милиони евра. Тој оценува дека ваквите факти не биле соодветно земени предвид од страна на обвинителите Абази и Коларевиќ.

Милошоски обвини и дека нивното постапување е поврзано со политички влијанија, наведувајќи дека, според него, тие имаат блискост со одредени политички структури. Тој тврди дека поради ваквиот пристап дел од осомничените во други предмети остануваат несанкционирани.

Пратеникот упати повик до Советот на јавни обвинители да го разгледа случајот и да утврди дали во постапувањето на обвинителите има пропусти или, како што рече, намерно изоставување на клучни докази.

„Јавноста ја заслужува вистината, а секој кој е инволвиран во сомнежи за висок криминал и корупција треба да одговара пред правдата“, се наведува во неговата реакција.