Антонио Милошоски до Обвинителството ја достави и последната снимка за екс премиерот, со која, според него, се докажува дека, Заев влијаел врз одлуките на Врховен суд и во Обвинителство. Милошоски очекува Обвинителството да почне пред истражна постапка и да го повика Заев да даде изјава.
Тој рече дека како и минатиот пат, материјалот е документиран и се разгледува од Обвинителството за да се утврди дали е релевантен. Милошоски ниту во Обвинителството не го кажал името на сврикачот кој му ја доставил „бомбата“.
Поранешниот премиер, Зоран Заев, во интервју за порталот „Прес 24“ тврдеше дека снимките се обезбедени од една од средбите одржани со групата од осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и со албанскиот блок партии во текот на преговорите за Законот за ЈО.
„Разговорот некој од присутните неовластено го снимал додека се разговара за причините и потребата зошто треба да се донесе законот за Јавно обвинителство. Toa се веројатно разговори од состаноците кои се водеа со претставници на партиите од власта и опозицијата од албанскиот блок на партии, кога се убедувавме и објаснувавме со групата од осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ зошто е важно да се донесе Законот за јавно обвинителство.“, рече Заев.
Првата бомба за Заев, Милошоски ја објави во Собранието, во текот на комисиската расправа за Законот за ЈО. Од Обвинителство соопштија дека ќе ги анализираат снимките, по што ќе се донесе одлука за понатамошни дејствија за користење на материјалот.
