Милошоски воздржан, Мисајловски против – како ќе гласаат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за амандманот на СДСМ?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се промени ли ставот на ВМРО-ДПМНЕ за тоа како ќе гласаат за амандманот на Резолуцијата, поднесен од СДСМ, а кој се однесува на употребата на целосното уставно име Република Северна Македонија. Откако вчера Антонио Милошоски кој рече дека за овој амандман кога ќе се најде пред пратениците ќе гласаат воздржано и дека со мнозинството на власта ќе биде усвоен, потпретседателот Владо Мисајловски дециден – ќе гласаат против се што е со новото име.

„Апсолутно ние ќе бидеме против, не само за Резолуцијата, туку и за било кој закон каде што ќе има промена на уставното име. Најважно е да се донесе Резолуцијата, а ние ќе бидеме против секој амандман што е за промена на уставното име.“, вели Мисајловски.



Самата изјава на Милошоски дека тие ќе бидат воздржани за гласањето на амандманот за вметнување на уставното име отвори дилеми дали ВМРО-ДПМНЕ тивко ќе почне да го прифаќа терминот Северна Македонија.

„По однос на истиот амандман ќе бидеме воздржани, но тие имаат доволна бројка за тој да помине. Битно ни е дека содржината на Резолуцијата која што се однесува на македонските позиции виз-а-ви Бугарија ќе биде зачувана.“, рече Милошоски.



Сето ова се случи откако претходниот ден амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава Кејт Мери Брнс имаше средба со претседателот на партијата Христијан Мицкоски за да му ги пренесе на лидерот на опозицијата пораките од американскиот претседател Џо Бајден. Амбасадорката Мери Брнс за ова информираше на нејзиниот твитер профил.

Инаку, во оваа Извршна наредба за Западен Балкан издадена минатиот месец од американскиот претседател Џо Бајден, меѓу другото се наведува и обврската на сите политички структури за почитување на одредбите од Преспанскиот договор, во кој токму е наведено и употребата на уставното име на Република Северна Македонија.