Законските измени за раст на минималната плата на 600 евра, кој ги предложи СДСМ не поминаа на матичната Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, ниту на законодавно – правната. Не помина ниту предлогот за трипартитен дијалог, односно јавна расправа пред пратениците во Собранието меѓу работодавачите, синдикатите и Владата.
-Ве молам да гласаме. Кој е за? Тројца. Кој е против? Нема. Дали има некој воздржан. Нема. Констатирам дека предлогот не е прифатен, изјави Бојан Стојановски, претседател на Комисија за економски прашања.
Иако предлогот не помина на комисиите, сепак за него пратениците ќе одлучуваат на пленарна седница.
Расправата помина во убедувања и аргументи од страна на опозицијата зошто мора да се зголеми минималната плата во земјава. Предлогот на СДСМ е минималната плата од март годинава до март наредната година да се зголеми на 36.960 денари, а со растот на минималецот да се усогласат и сите останати плати.
-Заеднички да ја пратиме таа порака дека кога станува збор за граѓаните, кога станува збор за работниците, нема да има политичка идеологија којашто ќе може да не подели, заради тоа што ако за многу прашања други коишто се од интерес на политичките партии, можеме да изнаоѓаме законски решенија, коишто би биле консензус, ќе го спомнам Изборниот законик, тогаш зошто пак да не можеме да имаме некаков консензус околу законот за минимална плата, изјави пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски.
Пратениците од власта не дебатираа на комисиските расправи. Само пратеникот од ЗНАМ, Миле Цеков искажа личен став дека минималната плата треба да се зголеми.
-Нашата минимална плата денес е најниска во регионот, иако продуктивноста по работен час, која изнесува 34 долари е можеби една од повисоките во регионот. Пример во Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора имаат повисок минималец од Македонија, а помала продуктивност по работен час во однос на нашиот работник, изјави Миле Цеков од ЗНАМ.
Инаку, Сојузот на синдикатите на Македонија остави рок на Владата и работодавачите до крајот на февруари да се договорат за зголемувањето на минималната плата на 600 евра. Во спротивно за март најавуваат уште еден протест, но и Генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор.
