За синдикатот незаконски, а за Министерството за економија и труд законски е вчерашното усогласување на минималната плата и нејзино зголемување за 1.812 денари, со што би требало од март годинава да изнесува 24.379 денари. Заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески тврди дека одлуката може да се донесе и без да има седница на Економско социјалниот совет (ЕСС) каде што седат претставници на власта, на работодавачите и на репрезентативните синдикати. Советот до сега, на седница, давал одобрување на усогласувањето.
„Апсолутно е законска и сметам дека понатаму е оставен простор во тој дијалог социјален каде што е трипартитен, владата, работодавачите и синдикатите, доколку се договорат овие репрезентативни синдикати, ние тоа да го испочитуваме како влада.“, вели Марјан Ристески.
Синдикатот пак со друг став. Апсолутно се назадоволни од ваквиот чекор.
„Првпат откако е воведена минимална плата од 2012 година, за минимална плата се одлучи без работниците Имавме парола преде неколку години на 1.мај дека без работниците не може да се одлучува, но за жал владата вчера на седница си донесе износ на минимална плата“, вели Трпе Деановски.
Инаку, Економско социјалниот совет е нефункционален бидејќи новата Комисија која одредува репрезентативност на синдикатите се уште немала седница и затоа засега во ЕСС седат само претставници на Владата и на работодавачите, но не и на синдикатот. Ристески вели дека фирмите имаат доволно време да ја пресметаат усогласената плата за март, која до УЈП треба да се поднесе до 15 април и нема да има доцнење поради ова.
