Министерството за култура ги отфрла обвинувањата на СКРМ: „Преговори имало, фактите го покажуваат тоа“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерството за култура и туризам реагира на обвинувањата од Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), оценувајќи ги како неточни и тенденциозни тврдењата дека ресорот не седнал на преговарачка маса со синдикатите и дека не покажал интерес за решавање на спорот околу Колективниот договор за културата.

Од Министерството посочуваат дека пред една година била формирана работна група со претставници од двата репрезентативни синдикати – СКРМ и СОНК, токму со цел разгледување на прашањата поврзани со Колективниот договор.

Според нив, работната група одржала два состаноци, по што, како што наведуваат, од страна на синдикатите биле прекинати понатамошните разговори. Министерството тврди дека за средбите постојат официјални записници.

Во реакцијата се наведува дека по постапката пред Уставниот суд, Министерството веднаш иницирало нови разговори со синдикатите. Средба била одржана на 15 април, на која присуствувале министерот за култура и туризам Зоран Љутков, претставници на Министерството, синдикатите и нивен правен застапник.

Од ресорот велат дека разговорите продолжиле и по објавувањето на решението на Уставниот суд, при што последната средба се одржала на 12 јуни. Тогаш, според Министерството, било договорено синдикатите да се консултираат со членството и да достават предлози, а нов состанок е закажан за 2 јули.

„Сосема е неосновано да се гради наратив дека Министерството за култура и туризам не преговара. Фактите покажуваат дека постои процес на дијалог“, се наведува во реакцијата.

Министерството категорично ги отфрла и тврдењата дека се обидува да го укине Колективниот договор или дека врши влијание врз постапката пред Уставниот суд.

„Министерството не е подносител на иницијативата, нема законска надлежност да укинува колективни договори и не се меша во работата на Уставниот суд“, посочуваат од таму.

Во однос на најавата на СКРМ за обраќање до Меѓународната организација на трудот, Министерството информира дека е подготвено да одговори на сите барања и дека останува отворено за соработка.

Од ресорот повторуваат дека се посветени на социјалниот дијалог и изнаоѓање решение за вработените во културата, додавајќи дека јавната комуникација треба да се темели на факти, а не на, како што велат, шпекулации и политички квалификации.