Долго најавуваниот и очекуваниот телефонски разговор помеѓу Трамп и Путин, конечно се оствари. Двајцата претседатели се согласиле да почнат преговори за крај на војната во Украина. Најверојатно првата средба ќе се случи во Саудиска Арабија, нешто што го потврди и Трамп.
Трамп им рече на новинарите дека Путин сака мир и дека верува дека прекинот на огнот меѓу Русија и Украина ќе се случи во не толку далечна иднина. Откри дека веднаш потоа телефонски разговарал и со Зеленски и дека разговорот бил добар.
Иако, Зеленски пред извесно време порача дека за мировни преговори треба да има четири учесници, мислејќи на САД, Русија, Украина и Европската унија, сепак тоа можеби и нема да се случи, барем според сигналите од Трамп. Најверојатно мирот ќе се договара помеѓу Трамп и Путин.
– Репортер: Дали ја гледате Украина како рамноправна членка на овој мировен процес?
Трамп: Тоа е интересно прашање. Мислам дека мора да постигнат мир. Нивните луѓе ги убиваат и мислам дека треба да постигнат мир. Реков дека тоа не е добра војна и мислам дека мора да склучат мир, тоа е она што го мислам.
Но, стигнаа реакции. Групата „Вајмар+“, што ја сочинуваат високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас и шефовите на дипломатиите на Велика Британија, Германија, Полска, Франција и Шпанија, објавија соопштение:
„Украина и Европа мора да бидат дел од какви било преговори. На Украина треба да и се обезбедат силни безбедносни гаранции. Праведен и траен мир во Украина е неопходен услов за силна трансатлантска безбедност“.
За првиот човек на НАТО, Украина мора да има добри позиции, пред да почнат било какви преговори.
„Сите ние сакаме Украина да биде во најдобра можна позиција кога ќе почнат тие разговори, да се увериме дека тие ќе можат успешно да завршат, а како што рече вчера и Пит Хегсет, новиот американски секретар за одбрана, клучно е што и да произлезе од тие разговори да биде издржливо. Тоа е издржливо. Не Минск III. Не можеме да го имаме тоа повторно. Не може Путин повторно да се обидува да улови квадратен километар, квадратна милја Украина, во иднина“, вели Марк Руте.
Претседателот Трамп вели дека ќе продолжат да ја помагаат Украина, но сепак бара САД да имаат пристап до нивните ретки минерали. Американскиот секретар за финансии Скот Бенсет веќе е во Киев и ја договара оваа работа. Како што изјави Трамп, Украина се согласила на вакво нешто.