Мицкоски: Бујар Османи сонува – „Нема пратеник од ВМРО-ДПМНЕ кој ќе даде поддршка на уставните измени“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На средбата со меѓународните претставници само попатно зборувавме за уставните измени и јас за ова им го пренесов мојот став дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати измени под бугарски диктат. Ова го изјави Мицкоски откако деновиве имаше средба со евроамбасадорот Дејвид Гир, а во истовреме во американската амбасада заменик шефот на мисијата Ерик Мејер разговараше со група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Дали уставните измени сепак биле причината за овие средби, Мицкоски не открива конкретно, но очекува и натаму да има такви средби.

„И сега повторно еве во периодот што следи ќе има повторно нови средби, повторно ќе доаѓаат министри за надворешни работи од повеќе држави и така натаму и истото ова ќе го кажам и ќе разговараме ние сакаме да разговараме.  Ако аргументите на соговорниците ги победат нашите аргументи тогаш ние сме апсолутно подготвени да ги прифатиме, но до овој момент јас не гледам од таа страна ниту еден аргумент или поента кој што навистина треба да го прифатиме“, вели Христијан Мицкоски.

Вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи тврдеше дека во ВМРО-ДПМНЕ постои идеолошко крило кое е за уставните измени меѓу кои и пратеници и членови на Извршниот комитет. Сепак, не откри за кого точно станува збор.

„Јас сум убеден во постоење на оваа идеолошка линија во ВМРО-ДПМНЕ заради објективни аргументи кои што ги споменувам и за истите ќе бидат свесни многу брзо, веројатно и јавноста и преку нив“, вели Бујар Османи.

Но Мицкоски е убеден дека таква група не постои, Османи само сонува вели тој.

„Не знам јас за такво убедување, ако сонува нешто господинот Османи тогаш во ред нека се разбуди од тој кошмар, бидејќи јас такво нешто немам до сега како информација а имам стопроцентна доверба во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во сите оние 44 кои се во парламентот. Впрочем пред точно една година реков пројде ли ова јас заминувам од политиката“, порача Христијан Мицкоски.

Мицкоски повтори дека неговите услови за уставни измени се тие да бидат со одложено дејство односно да важат кога Македонија ќе стане членка на Европската унија. Вториот принцип се избори и пакет поддршка од ЕУ за земјава и Бугарија да исполни барем три пресуди од  14-те од Судот за човекови права во Стразбур кои се донесени за Македонците во Бугарија.