Мицкоски до понеделник ќе ја чека оставката на Заев – доколку не успее да формира стабилна Влада ќе се оди на избори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако вчера Мицкоски најави дека доколку Заев денеска не ја депонира својата оставка на премиерската функција во Собранието ќе покрене иницијатива за гласање на доверба на Владата, тој денеска се предомисли и тоа истото сега го најавува за понеделник. Запрашан дали со новото парламентарно мнозинство ќе формира Влада или пак тоа е за да се изгласаат предвремени избори се уште нема конкретен став, вели ќе се обиде да ја формира.

„Очекуваме веќе во понеделник да пристигне оставката на Зоран Заев, доколку не пристигне тогаш ќе почнеме со иницијативата за гласање недоверба на Влада. Опција за било каква Влада освен Влада со политичка тежина не е опција. Доколку не успееме да формираме таква Влада со политичка тежина тогаш логично е да имаме брзи предвремени парламентарни избори“, посочи Христијан Мицкоски.

Од СДСМ излегоа со соопштение во кое се вели дека целта на Мицкоски е да ја сруши оваа Влада, а не да ја води земјата напред.

„Денеска народот слушна од Мицкоски дека целта му била да руши Влада со политичка партија која е дел од актуелната влада – Беса, дека земјата ќе ја носел напред, ама со анти-НАТО и анти-американски коалиционен партнер Левица. Ќе видиме деновиве дали ќе се избере нова анти-демократска, анти-Преспа, анти-НАТО и анти-ЕУ Влада, дали Мицкоски има капацитет и одговорност“, велат од СДСМ.

Дали Мицкоски е сигурен во новото парламентарно мнозинство, бидејќи дел од албанските партии не се среќни бидејќи во него е и Левица на чело со Апасиев. Тој неколку пати ги покажуваше потписите.  

„Еве ги тие потписи овде пред мене. Еве ги 61 потпис… Дали ќе имаме 61, сега не би можел да ви кажам, може ќе имаме 70 може ќе имаме и повеќе, откако ќе почнам и откако ќе добиеме мандат од тој кој што го дава мандатот. Тогаш ќе имам прес конференција ќе се обратиме до јавноста и ќе кажеме дека започнуваме преговори, започнуваме со формирање мнозинство пратеници кои што може да биде и повеќе од 61. Доколку не успееме повторно ќе се обратиме до јавноста и ќе кажеме не успеавме поради тие и тие причини“, посочи Христијан Мицкоски.

Мицкоски обвини и дека се вршеле притисоци врз потписниците на мнозинството.

„Уште во текот на вчерашниот ден се прават жестоки притисоци врз дел од овие луѓе кои што се потпишани во оваа иницијатива овдека своерачно со свои потписи. Но сега за сега немам информации дека некој би се поколебал и би излегол од овој документ“, додаде Христијан Мицкоски.

Мицкоски вчера го објави новото парламентарно мнозинство на својот фејсбук профил на која објави слики од една од просториите во Собранието, на кои покрај него беа пратеници и претставници на Алијанса за Албанците, Алтернатива, Беса и Левица.