Денес одговарајќи на прашањето на ТВ21, премиерот Христијан Мицкоски рече дека не сака да коментира политики на раководство на ДУИ бидејќи тоа е нивна внатрешна работа, но дека опозициската партија има настапи во јавноста со кои, потенцира, се обидува да скрие и заштити криминали и оти со такви обиди никој не ги сфаќа сериозно. Сѐ додека во ДУИ не се извинат и признаат дека погрешиле со тоа што играле „фудбалчиња“, не го реализирале ветувањето за автопат Блаце – Скопје и тоа што дозволиле нивни роднини и пријатели да стекнуваат милионски богатства – „сѐ останато е политички памфлет“.
– Она со кое тие сега се обидуваат да настапат во јавноста е повторно политика на дезинтегрирање, нарушување на унитарниот карактер. Јас мислев дека ќе извлечат поука и ќе се извинат за трговскиот центар во центарот на Скопје, за „мајбах“ и „ролс ројс“ возилата, за тоа инстант фирми како милиони увезуваат, тендери, за наместените судии и обвинители. Само така можеме сериозно да ги разбереме. Сѐ ова останато, јас, простете, го сфаќам како обид да се заштити криминалот. И сѐ додека вака настапуваат, нема да наидат на сериозност никаде, рече Мицкоски, одговарајќи на прашањето на ТВ21 по поставување камен-темелник за градинка во Трубарево.
Претходно ТВ21 ги објави двата модели кои ги анализираат меѓународни експерти и авторите на Охридскиот договор, ангажирани од ДУИ.
Станува збор за Белгиски модел и модел на Северна Ирска дознава ТВ21 од партиски извори.
