Мицкоски: Европскиот фронт е маневар на ДУИ – реториката на ВМРО-ДПМНЕ е националистичка, вели Села

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Неуспешен политички маневар, вака шефот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го оцени потпишувањето коалиција на ДУИ со неколку политички партии кои влегуваат во Европскиот фронт. Иако во оваа коалиција покрај албански партии за прв влегуваат и партии на Турци, Бошњаци и Роми, според Мицкоски  тоа нема да ги смени позициите на ДУИ.

„Ценам дека се обидуваат да направат маневар на политичкиот простор со што ќе го ублажат поразот на следните парламентарни избори. Не мислам дека ќе биде овој потег успешен имајќи предвид лицата кои што пристапуваат на таа коалиција. Во минатото имаше многу обиди ДУИ да претстави одредени позиции кои што се неуспешни. Ќе ве потсетам на зелената транзиција на партијата која што наместо еколошки политики презентираше бизнис тендер политики“, вели Христијан Мицкоски.

Преговори за влез во коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ води и Зијадин Села од Алијанса за Албанците. Тој во вчерашниот магазин на ТВ21 Клик плус настапи со критики кон ВМРО-ДПМНЕ  за која рече дека таа и натаму е партија со националистичка реторика. Според него сето ова што го говори Мицкоски само е предизборна реторика.

„Реториката на ВМРО е само за изборен-ефект и според мене тие оваа реторика би сакале да го продолжат до локалните избори, мојата политичка логика ми го кажува оваа, и потоа мислам дека ќе бидат спремни и за компромиси, и ќе гласат за тоа што е дел како услов на ЕУ, за заедниците да бидат дел на Уставот, особено Бугарите“, вели Зијадин Села.

Инаку Мицкоски во однос на партиите кои ја напуштаат владејачката коалиција со СДСМ и преминуваат во таборот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека со нив се водени принципиелни преговори за настап на парламентарните избори. Рече дека се надева нивниот мотив да преминат во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ е тоа дека препознале добри работи во програмата на партијата а не нешто друго.