„Мицкоски има меѓународен притисок за Уставот“ – Шабани: Во јануари ќе се знае дали ќе има предвремени избори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Опозицијата обвинува дека власта нема конкретно решение за деблокада на евроинтегративниот процес. Потпретседателот на Алијанса за Албанците од крилото на Села, Исен Шабани во „Дејли клик“ го постави под сомнеж опстојувањето на Владата, во случај кога премиерот Христијан Мицкоски зборува за „црвени линии“, а Бугарија не попушта во ставот.

„Имајќи ги предвид последните промени кај нашите меѓународни пријатели, промените во политиката, конкретно во САД, јас верувам дека од јануари и премиерот ќе биде многу јасен дали вака ќе продолжи или ќе оди на предвремени парламентарни избори // Нема да може да го издржи меѓународниот притисок“, вели Исен Шабани.

-Велите Мицкоски има меѓународен притисок?

-Сигурно дека да. Не можеш да држиш земја како заложник зборувајќи со „црвени линии“, а ниту еднаш да не седнеш да најдеш решение.“

Од друга страна, Мицкоски е оптимист и вели дека се бара решение кое ќе гарантира дека нема да има нови блокади поради билатерални прашања.

„Ќе се бориме, нема да оставиме ниту милиметар да изгуби македонскиот идентитет и македонските граѓани, без разлика од етничката припадност, затоа што сите ние заслужуваме загарантирана иднина.“, вели Христијан Мицкоски.

Новата еврокомесарка за проширување Марта Кос истакна дека ќе помогне билатералните прашања да не влијаат на процесот на проширување, како што тоа било во минатото.

„Јас ја гледам мојата улога да помогнам во решавањето на проблемите, кои се многу поврзани со историја, а кога се поврзани со историја, тука нема само рационалност, туку има и емоции.“, вели Марта Кос.

Мицкоски најави дека Кос наскоро ќе ја посети земјава. Таа претходно категорично кажа дека Уставот мора да се смени, а премиерот нагласи дека го запознал новото раководство на Унијата со околностите и се обликува можно решение.