Во интервјуто на премиерот Христијан Мицкоски дадено за Фокус тој директно ја обвинува претходната Влада за огромен криминал и злоупотреби на пари. Вели дека постојат индиции и докази за епски криминал и злоупотреби на големи суми пари во повее институции од страна на претходната власт на СДСМ и ДУИ.
„Ако имате недостаток од милијарди денари, што е повеќе од 80 милиони евра за да се исплатат редовни пензии и кога ќе видите во одредени други институции каде се финансираат одредени проекти кои беа од суштинско значење и важност за ДУИ, но и за СДСМ, тогаш доаѓате до заклучок дека некој овде свесно го злоупотребил буџетот. Ако правите проект од капитално значење, како што е пругата кон Бугарија и ако тој проект ви завршува во мртва улица или на половина тунел, не е нормално“, рече Мицкоски.
Од преземањето на власта и премиерот Мицкоски, но и сите други министри постојат зборуваат дека во изминатиот период кога владееле СДСМ и ДУИ имало огромен криминал, во буџетот недостасуваат пари, а од друга страна немало проекти. Ако Мицкоски и министрите имаат увид но и докази дека е сторен криминал, прашањето е зошто досега тие докази не ги доставиле до надлежните органи кои треба да го истражат тој криминал.
Но засега се се сведува на меѓусебни обвинувањата меѓу власта и опозицијата. СДСМ денеска се огласи за обвинувањата за пругата.
„Министерката за финансии пред некој ден вели дека парите за пругата кон Бугарија не мое да се пренаменат, но ВМРО-ДПМНЕ вчера пак побара тие средства да одат за железницата кон Грција. Откако сфатија дека не можат да ги пренаменат парите, а уште повеќе дека проектот е под целосен надзор и контрола на ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ сака да прикаже некаков криминал и залудно потрошени пари. Маката нивна е што не може тие во таков проект да црпнат од медот, затоа што тие проекти се меѓународно надгледувани“, велат од СДСМ.
Мицкоски во своето интервју остро ја нападна и ДУИ коментирајќи ги иницијативите за принципот победник со победник, за што рече дека има неодговорно однесување и дека претставува закана за стабилноста на Македонија како држава.
