Мицкоски му даде рок на Заев до утре до 14:30 часот – „Ако било лесно, немаше да бидам јас“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Што ќе има утре – оставка или интерпелацијата на Влада? Христијан Мицкоски му даде рок на Зоран Заев до утре до 14.30 да ја поднесе оставката на премиерската функција во Собранието, а доколку тоа не се случи рече дека тогаш ќе го поднесат барањето за гласање доверба на Владата.

„Прецизен ќе бидам како и секогаш, – до 14.30 ќе ја отпочнеме процедурата за гласање на доверба на оваа Влада предводена од Зоран Заев доколку претходно не си го исполни даденото ветување, а тоа е – да даде неотповиклива оставка.“, рече Мицкоски.

Заев не одговори на прашањето на ТВ21 дали ќе ја поднесе оставката или ќе остав ВМРО-ДПМНЕ да достави барање за интерпелација на Владата. Единствено стигна соопштение од СДСМ од каде и денеска го повторија ставот дека со партнери кои се против ЕУ, НАТО и против Преспанскиот договор, имаат ВМРО-ДПМНЕ има само желба за власт. Воедно фрлија и сомнеж дека дел од пратениците нема да бидат дел од мнозинството.

„Деновиве ќе покажат дали ќе се избере нова анти-демократска, анти-Преспа, анти-НАТО и анти-ЕУ Влада, дали Мицкоски има капацитет и одговорност. Информациите кои вчера се појавија во јавноста дека дел од пратениците кои се потпишале биле злоупотребени кажува за какви принципи станува збор.“, велат од СДСМ.

Но, Мицкоски ги отфрла информациите кои се појавија во јавноста дека Скендер Реџепи од Алтернатива се предомислил и го повлекол својот потпис. Сепак останува прашањето како тој ќе ги менаџира спротивставените ставови на дел од новото мнозинство, поконкретно на оние на Левица и на албанските партии кои се дел од мнозинството, а уште од самиот старт изразија несогласување за учеството на Апасиев во неа.

„Ако било лесно немало да бидам јас, ќе бил некој друг. Во едно семејство имате на моменти недоразбирања, па менаџирате и тоа е предизвик, а не пак кога водите Влада или кога ќе се обидете да формирате мнозинство како политичка партија во Влада која што треба да води држава во едни вакви сложени и предизвикувачки моменти. Барам трпение, се ќе се реши, не постои работа која што не може да се реши.“, изјави Мицкоски.

За тоа дали преговара со пратеници на ЛДП, ДОМ или Демократски сојуз, Мицкоски рече дека вратата е отворена за секој оној што мисли дека Владата на Зоран Заев не е добра.