Владата пред септември ќе воведе таканаречена „Училишна кошница“ со која ќе се опфати училишниот прибор. Во моментов институциите ги следат цените на овие производи и ако биде забележано поголемо и брзо поскапување во овој период, ќе има жестока реакција на Владата, најави премиерот Христијан Мицкоски.
„Ги разгледуваме и законските можности како да се санкционираат таквите субјекти кои што ќе се одлучат на таков тип на шпекулативно би рекол однесување“, вели Христијан Мицкоски.
Инаку, наскоро се очекува да се објават и мерките против високите цени во маркетите. Но, според Мицкоски, мерките ќе се разликуваат од претходните. Во игра се неколку концепти и веројатно нема да има една унифицирана мерка туку неколку мерки со кои ќе треба да се “удри” на повеќе фактори кои што влијаат на инфлацијата. Овие мерки се подготвуваат со академската заедница и во нив учествуваат универзитетски професори.
„Ќе излеземе многу скоро, ќе излеземе со неколку модели кои што во одредени сегменти биле успешни, така што сакаме целосно сценарио овој пат кое што мислиме дека ќе ги стабилизира цените на производите во маркетите“, вели Христијан Мицкоски.
Мицкоски истакна дека во изминативе два месеца Владата ги следела цените и правеле анализа кои маркети одеднаш и за колку ги поскапеле производите откако заврши последната мерка за замрзнување на маржите. Анализата ќе биде претставена пред овие маркети и ќе бидат искористени сите законски можности против нив за некоректното однесување.
Инаку, најавата за сеопфатни мерки значи дека тие би требало да се однесуваат и против базичната инфлација, која подолго време е висока и за чие намалување треба координирана акција на монетарната и фискалната политика.
