Мицкоски: Не би шпекулирал каде се наоѓа Груби – „Да беше чист како солза ќе беше тука и ќе ја бранеше својата невиност“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По информациите кои протекоа од вицепремиерот Изет Меџити дека Артан Груби не е веќе во Косово туку во Албанија, премиерот Христијан Мицкоски смета дека тоа е сосема неважно каде сега тој се наоѓа. Сепак додава дека тој со бегањето покажува дека не е, како што велеше „чист како солза“.

„Различни се информациите, не би шпекулирал сега дали е во Албанија, дали е на Косово, факт е дека не бил чист како солза, бидејќи ако бил чист како солза немало потреба да биде бегалец од правдата, туку ќе дојде тука и ќе ја брани својата невиност“, вели Христијан Мицкоски.

Од Демократската унија за интеграција се дистанцираа од Артан Груби кој беше нивен истакнат партиски член и близок кадар до лидерот на партијата Али Ахмети. Токму координаторот на Европскиот фронт од редовите на ДУИ Блерим Беџети деновиве во изјава за Клик плус на ТВ21 рече дека Груби веќе не е дел од ДУИ уште кога беше ставен на црната листа на САД.

„По тој момент, Артан Груби се повлече од јавниот живот. Секако, има и информации дека претходно имало таква одлука во партиските органи и се повлекол од секое тело и улога и всушност не е дел од ДУИ по таа одлука“, вели Блерим Беџети.

Од ДУИ пак денеска прашуваат зошто Владата одбива да го донесе Законот за рестриктивни мерки, со кои ќе се спречи лица кои се на црна листа на САД и ЕУ да имаат пристап до политичкиот живот и јавните ресурси.

„Овој закон не е избор, туку неопходност. Одбивањето или одолговлекувањето на неговото донесување отвора сериозни сомнежи за мрачни влијанија и заштита на интересите на олигарсите. Јавноста бара јасни одговори: За кого работи Владата? За граѓаните, или за своите спонзори и привилегирани олигарси?“, велат од ДУИ.

Од СДСМ и натаму критикуваат дека за бегството на Груби од земјава виновен е министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и дека границата со Косово не е под контрола на МВР. Дополнително според опозициската партија нејасно е како Изет Меџити знае каде е Груби а тие немаат информација за тоа.

„Денес е нејасно како Тошковски може да биде толку неинформиран и МВР толку слаба институција под негово водство, кога Изет Меџити коалицискиот партнер на Мицкоски знае дека Груби е во Албанија, а Тошковски не? Го праша ли Тошковски Меџити од каде му се информациите? Тошковски веќе одамна е зрел за оставка, премногу скандали се случија без никаква политичка одговорност“, велат од СДСМ.

Груби минатата недела избега во Косово преминувајќи ја границата кај Блаце. Но вчера вицепремиерот Изет Меџити изјави дека тој повеќе не е во Косово туку во Албанија, а МВР во соработка со Интерпол трагаат по него.