Христијан Мицкоски по лидерската средба денеска, на која немаше договор за датум за избори, истакна дека не сака да победи на избори, по цена на човечки животи.
„Најпрво ќе почнам со фактот дека ако еден човечки загубен живот е цената со која што треба ВМРО-ДПМНЕ да победи на следните предвремени парламентарни избори а јас да го добијам премиерскиот мандат тогаш одбивам да бидам дел од таквата процедура и така ја почнавме денешната лидерска средба бидејќи тоа е во согласност со сите ставови кои што изминатите денови политичките лидери на политичките партии излегуваа во јавноста дека не е важен изборниот процес, не се важни изборите, туку важно е пред и над се здравјето на граѓаните. Тоа беше нашата позиција од самиот почеток.
Имаше и такви позиции кои што го определуваа датумот, а потоа велеа дека Комисијата за заразни болести треба да каже дали и како ќе се спроведуваат мерките, дали и како ќе се спроведуваат изборите, што го оценивме како политичка партија и јас како учесник на состанокот како незрело и несериозно.
Имајќи предвид како се одвиваше и развиваше дискусијата во еден момент предложивме план како да дојдеме до кредибилен изборен процес, а притоа здравјето на граѓаните да не биде загрозено, граѓаните да не бидат изложени на вирусот Ковид 19, а со тоа да ги заштитиме што е можно повеќе човечките животи, а воедно да обезбедиме и кредибилен, фер и демократски изборен процес.
Предложивме план во неколку чекори и тоа најпрвин ако се водиме од ставот дека здравјето на граѓаните ни е најважно тогаш треба да се консултираме со Комисијата за заразни болести и никој од нас не треба да го проблематизира нивното мислење во насока на тоа кога ќе одлучуваат дали и какви мерки треба да се спроведат. Потребно е да имаме фер и кредибилен изборен процес и мерките кои што ќе бидат во текот на тој фер и кредибилен изборен процес навистина да гарантираат фер и кредибилен изборен процес.“, изјави Мицкоски.
