Уставни измени под бугарски диктат нема да има, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски откако вчера премиерот Димитар Ковачевски најави дека наскоро ќе се формираат работна група која ќе треба да ги изготви уставните амандмани а во чиј состав ќе биде поканета и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според Мицкоски, власта со преземањето на одговорноста за внесување на Бугарите во Уставот сама си го создала проблемот.
„Уставни измени во овој пратенички состав под бугарски диктат и во овие околности нема да има. Тоа што го прави власта е процес кој што на крајот ќе се удри во ѕид, односно ќе заврши неуспешно. Ние имаме принципиелен став од самиот почеток, создадоа проблем кој што не можат да го решат, создадоа проблем кој што сите ние го имаме и ако продолжат дополнително да го комплицираат ќе се треснат сите во една мртва улица“, вели Христијан Мицкоски.
Вчера на прес конференција во Владата по состанокот на Советот за асоцијација и стабилизација и високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел побара национално единствено за уставните измени и порача дека доколку не се исполнат обврските кои се дел од преговарачката рамка, нема да може има повторни преговори.
„Да се оди нанапред значи и подобрување на односите со вашите соседи. Тука спаѓа и да се создадат услови да се усвојат уставните измени. Оваа година е клучна. По договорот од јули ова е најдобриот договор што може да ја добиете и не е реално да очекувате дека ова ќе се отвори да биде повторно дел од преговарањето“, додаде Жозеп Борел.
На ова Мицкоски рече дека за ова требало претходно да бидат прашани и ВМРО-ДПМНЕ дали се согласуваат со договорот што Владата го прифати.
„Кога некој од тие бриселски политичари е подготвен да седне на маса со нас очи в очи и да разговара, а јас секаде тоа го кажувам и на дипломатските претставници во Македонија и на тие кои што доаѓаат од Брисел и тие кои што доаѓаат од други држави дека вашето мислење го цениме и ни значи, сепак вие сте наши партнери но ова е двонасочна улица и треба да го знаете и нашето мислење и затоа сме подготвени да седиме и очи в очи да разговараме“, вели Мицкоски.
Уставните измени треба да се случат до ноември годинава, кога завршува скрининг процесот, што значи помалку од 8 месеци. Иако власта најавуваше дека ќе започнат јавни дебати, досега се уште не се одржала ниту една, а и работната група во Министерството за правда е во фаза на формирање што значи дека не се подготвени ниту уставните амандмани.