Пензионерите во март ќе добијат по 1.000 денари покачување на пензиите. Останува линеарното усогласување, дециден е премиерот Христијан Мицкоски. Според Мицкоски, со тоа се намалува јазот и се зголемува правилната распределба на приходите, а се намалува и стапката на сиромаштија, бидејќи статистиката покажа дека пензионерите се најсиромашната група граѓани. Заклучно со април 2026 година заедно со претходните покачувања, вкупното линеарно зголемување на пензиите ќе биде за 7.000 денари и нема да има пензија под 15.000 денари – вели премиерот.
„150.000 пензионери, пред да почне ова линеарно зголемување, имаа пензии кои што беа околу 10 до 12 илјади денари. 150.000 пензионери од 330.000. Што значи дека тие сега веќе, со овие 7.000 денари линеарно зголемување, немаат пензија која што е, која што е под 15.000 денари, односно тие се движат од 17 до 19.000 денари. И како влада ќе продолжиме во таа насока.“, рече Мицкоски.

Прашан дали Уставниот суд би можел да го спречи линеарното зголемување на пензиите, Мицкоски, рече дека не би ги коментирал одлуките на Уставниот суд.
Законот за ново линеарно зголемување на пензиите беше изгласан во Собранието на 24 јули со 79 гласа „за“, по што тој беше оспорен пред Уставниот суд. Уставен пред Нова година не донесе одлука за укинување на линеарното зголемување на пензиите, бидејќи ваквиот предлог немаше мнозинство гласови. Предметот со кој е оспорено последното линеарно покачување на пензиите ќе се разгледува повторно по комплетирање на судискиот состав.
„Судот поведе постапка, изрази сомнеж во уставноста на одредби од Законот за пензиско и инвалидско, меѓутоа на денешната седница гласовите се поделија и резултатот е 4-4, што значи дека нема одлука. Таа одлука ќе чека доаѓањето на нови судии“, вели Костадиновски.

Со него пензионерите добија по 1.000 денари во септември 2025, а треба да добијат уште илјадарка во март годинава. Претходно, пензионерите добија две линеарни покачувања од по 2.500 денари.
