Црн чад последниве денови излегува од оџаците на термоцентралата во Битола. Таквите снимки на социјалните мрежи ги сподели и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Од црниот чад и воздухот беше енормно загаден, а Мицкоски на фотографиите напишал и кој ќе понесе одговорност за тоа.
„РЕК Битола денес/деновиве. Кој ќе одговара кривично за овој ЕКОцид? Ајде колега Тупанчевски да го видиме на дело вашиот предлог како ќе функционира…“, напиша Мицкоски.
Реагираа од ЕСМ. Велат дека се вршат повремени тестирања на погонот “стартер котел“ чија цел е да се понуди поддршка на блоковите кога ќе има потреба од дополнително количество водена пареа за турбините. Таква контрола е спроведена денеска меѓу 6.30 и 07.00 часот. Од таму појаснуваат дека погонот функционира на мазут и во првите моменти испушта чад и издувни гасови.
-АД ЕСМ прави максимални напори за да дејствува според сите стандарди, во услови кога производството на електрична енергија од јаглен и нафта во услови на енергетска криза е неизбежно. Граѓаните треба да се смират во однос на ангажирањето на компанијата за одржување на термоцентралите и инвестирањето во обновливи извори-велат од ЕСМ.
Веднаш возвратија од владејачката СДСМ од каде напишаа дека лидерот на македонската опозиција Христијан Мицкоски во недостиг на политики за граѓаните, шири лажни вести.
„Граѓаните може да бидат спокојни, станува збор за тестирање на помошна опрема во РЕК Битола, која по кусата проверка е исклученаЗа разлика од Мицкоски, во чие време немаше криза, но цената на струјата се дуплираше, а тој почна бизнис со мали хидроцентрали, институциите предводени од СДСМ во текот на најголемата економска и енергетска криза во светот преземаат низа мерки да ги заштитат граѓаните и стопанството“, велат од СДСМ.
Министерот за правда, Никола Тупанчевски најави дека со измената на кривичниот законик ќе се воведе кривично дело Екоцид кое ќе се однесува на лицата кои ја загадуваат животната средина и е предвидена затворска казна од 4 години.
