Македонија нуди стабилна деловна средина и нови можности за странски инвестиции, порача премиерот Христијан Мицкоски на Бизнис-форумот Македонија – Турција, кој денеска се одржа во Истанбул.
Обраќајќи им се на претставниците на турската бизнис-заедница, Мицкоски ги повика компаниите од Турција да ја препознаат земјата како партнер за идни инвестиции и економска соработка, нагласувајќи дека постојат сите предуслови за продлабочување на деловните врски меѓу двете држави.
Премиерот истакна дека пријателските односи меѓу Македонија и Турција, градени со децении врз меѓусебна доверба и почит, претставуваат силна основа за интензивирање на економската соработка и отворање нови можности за инвестирање.
Според него, Македонија денес се позиционира како конкурентна и стабилна инвестициска дестинација, благодарение на својата стратешка местоположба, поволната деловна клима, индустриските зони и пристапот до регионалните и европските пазари.
Мицкоски нагласи дека турските компании преку инвестиции во земјата можат да го прошират своето присуство на меѓународните пазари и да станат дел од европските синџири на снабдување.
„Нашата цел е да градиме долгорочни партнерства кои ќе придонесат за отворање нови работни места, забрзан економски раст и заеднички успех. Македонија има јасна визија за иднината, отворена е за нови инвестиции и е силно посветена на економскиот развој“, порача премиерот.
Тој ги охрабри турските инвеститори да ја искористат можноста и да се вклучат во, како што рече, развојната приказна на Македонија.
Бизнис-форумот во Истанбул е организиран со цел да се зајакнат економските врски меѓу двете земји, да се поттикне соработката меѓу компаниите и институциите и да се претстават инвестициските потенцијали што ги нуди македонската економија.
