Премиерот Христијан Мицкоски информира дека вчера во Конгресот на Соединетите Американски Држави одржал повеќе средби на кои, како што наведува, се разговарало за натамошно зајакнување на македонско-американските односи.
Во објава на „Фејсбук“, Мицкоски посочува дека разговорите биле насочени кон продлабочување на соработката и отворање нови можности за развој на односите меѓу Северна Македонија и САД.
„Вчерашниот ден го одбележаа повеќе значајни средби во Конгресот на САД. Разговори за зајакнување на македонско-американското партнерство, продлабочување на соработката и отворање нови можности за уште посилни односи меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави“, напиша премиерот.
Во објавата не се наведени имињата на американските конгресмени со кои се сретнал Мицкоски, ниту дополнителни детали за конкретните теми за кои било разговарано.
