Отворен судир меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на СДСМ Венко Филипче на свеченото одбележување на 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Во дворот на Владата пред споменикот „Ослободители на Скопје“ и двајцата положија венци со свежо цвеќе и си упатија отри критики за недржавничко однесување. Пазар со идендитетот никогаш нема да правам, порача премиерот Мицкоски и повика на обединување.
„Секој што ме знае добро, уверен е дека, колку и да постојат празнини и недржавничко однесување нa нашиот политички естаблишмент, добро знае дека пазар со идентитетот, пазар со нашето достоинство во замена за било какви лични или политички придобивки, какви што имало во нашата понова историја, никогаш нема да правам. Ниту ми паднало на ум такво нешто“, рече Мицкоски.
Лидерот на СДСМ пак Венко Филипче рече дека сѐ што кажува премиерот е само изговор, и дека треба да се направат уставните измени. Тој упати критки до власта дека ја држи државата изолирана од Европа и порача дека на ваков настан на Денот на Европа, Христијан Мицкоски треба да биде персона нон грата.
-Сѐ што кажува премиерот е само изговор. Поради тоа што се знае што треба да се направи за да се почне со преговорите. Треба да се направат уставните измени. Што е за него обединувањето? Да му дадеме поддршка да не ги прави? За да може да продолжат да крадат? Не, тоа нема да се случи. Затоа што ќе се случи Европа кога ние ќе дојдеме на власт после следните избори и сите ќе одговараат“, рече Филипче.
Свечената церемонија по повод 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа годинава се одржа под слоганот „Победа, принципи и вредности“.
