Мицкоски: Петков порадикален и од Каракачанов, Балабанов објави план на Петков, кревање на ветото, а потоа обврските

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Трите барања на бугарскиот премиер Кирил Петков се уште порадикални и од оние на Каракачанов. Ова е ставот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски откако вчера Петков побара од Македонија да прифати почитување на рамковниот став усвоен од бугарскиот парламент, вклучување на Бугарите во македонскиот Устав и спроведување на Договорот за добрососедство. Мицкоски вели дека предлогот од Петков е само обид да одржи некаква коалиција со, како што рече, ултрарадикален национализам. За него би било прифатливо само доколку Бугарија ја поништи Резолуцијата во парламентот 2019 година и изјави дека нема никакви отворени прашања кон Македонија.


„Па тие три барања се порадикални и од барањата на Каракачанов. Затоа што тој сега вели вака Декларацијата од парламентот, која што јас ја зборувам цело време таа е ултраасимилаторска и хегемонистичка, потоа вели Бугарите во Уставот, и конечно на крај вели Договорот за добрососедство. Јас не знам кој нормален човек во Македонија ова ќе го прифати, јас не знам дали има таков човек“, рече Мицкоски.


Во меѓувреме Бугарија повторно ја тресе политичка криза откако партијата Има таков народ на Славеј Трифунов ја напушти коалицијата, од каде образложија дека тоа било поради политиките на бугарскиот премиер Кирил Петков за кревање на ветото за почеток на преговорите на Македонија со Европската унија. Пратеникот од оваа партија Станислав Балабанов излезе во бугарските медиуми и покажа, како што тврди, рачно напишан план од Петков прво да се укине ветото кон Македонија, а потоа да има исполнување на обврските од македонска страна.

„Времена рамка во која сите тези треба да се случат. Започнуваме од ветото. Прво го креваме ветото, по кое го исполнуваме „agreеment“, зашто завршиле Харвард и го напишале на тој начин. Повторувам прво го креваме ветото и тогаш се исполнуваат останатите услови. Убаво видете. Вака изгледа Бугарија која требаше да биде продадена ако ние не ги презедовме тие решенија вчера“, рече Балабанов.

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска излезе со став, ветото кон Македонија да остане додека не се формира ново парламентарно мнозинство во Бугарија. Сето ова се случува и пред утрешната посета на германскиот канцелар Олаф Шолц на земјава, кој потоа заминува и за Бугарија, со цел надминување на отворените прашања меѓу Софија и Скопје.