Премиерот Христијан Мицкоски денеска соопшти дека новото законско решение кое ги регулира производството, дистрибуцијата и употребата на тутунските производи е резултат на широк консултативен процес со сите засегнати страни и следната недела ќе биде разгледувано на владина седница.
На средба со претставници на здруженија, производители, дистрибутери и угостителскиот сектор, Мицкоски истакна дека законот не бил донесен по принцип на наметнување, туку преку компромис постигнат меѓу сите вклучени страни.
„Не постои идеално законско решение. Целта беше да дојдеме до компромис кој во голема мера ќе ги регулира односите во оваа област и истовремено ќе придонесе за намалување на употребата на тутунските производи“, рече премиерот.
Тој нагласи дека една од клучните политики на Владата е заштитата на јавното здравје и намалувањето на бројот на лица кои консумираат тутун, оценувајќи дека новиот закон ќе придонесе за остварување на таа цел.
Мицкоски упати благодарност до Министерството за здравство, членовите на неговиот кабинет и сите организации кои учествувале во подготовката на законското решение, оценувајќи ја нивната улога како значајна за постигнување на конечниот текст.
Премиерот најави дека по усвојувањето на законот ќе следува строга и доследна примена на терен. Според него, инспекциските служби ќе вршат засилени контроли на целата територија на државата и нема да има исклучоци или повластен третман за одредени региони, градови или субјекти.
„Нема да има повластени. Секој што нема да го почитува законот ќе се соочи со санкции“, порача Мицкоски.
Тој потсети дека Владата и претходно носела законски решенија кои на почетокот наидувале на отпор, но подоцна дале резултати, посочувајќи го проектот „Безбеден град“, за кој рече дека придонел за значително намалување на бројот на жртви во сообраќајот во првите четири месеци од годинава.
Мицкоски изрази очекување дека и новиот закон ќе донесе позитивни ефекти, особено во делот на заштитата на здравјето на граѓаните.
