Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека се сретнал со Билал Касами од ВЛЕН, нагласувајќи дека односите меѓу коалициските партнери остануваат стабилни.
„Да, се сретнав со Билал Касами, разговаравме и мислам дека тој веќе почна да ги испраќа вистинските пораки што му доликуваат на градоначалник на мултиетничка општина како Тетово.“, порача Христијан Мицкоски.
Мицкоски ги нарече шпекулации написите на порталите за наводна соработка со поранешниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко.
„Гледам дека еден портал тоа го пласирал! Тоа се портали кои, претпоставувам, се финансирани од иста централа, која сега е разочарана што Рамиз Мерко не ја поддржува ДУИ во вториот круг. Па, за да направат сензација и да го прикријат тој факт, пласираат целосно невистинити информации. Многупати во минатото сме го кажале нашиот став за Рамиз Мерко, така што ќе оставам тие да си создаваат сензации – апсолутно не е вистина.“, вели Христијан Мицкоски.
Во однос на изјавата на лидерот на СДСМ дека владата работи катастрофално, Мицкоски коментираше дека Венко Филипче само на тој начин може да се обиде да добие некој глас од своето избирачко тело.
