Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, информира дека партијата учествува на Самитот на Европската народна партија (ЕПП) во Брисел, каде главна тема ќе бидат глобалните предизвици и процесот на проширување на Европската Унија.
„Два дена сме овде во Брисел за да ја одбележиме 50-годишнината од формирањето на Европската народна партија, најголемата политичка сила во демократска Европа, чиј нераскинлив дел е и ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека покрај официјалната прослава, ќе се одржи и Самит на лидери од партиите членки на ЕПП, каде ќе се дискутира за клучни глобални теми.
„Ќе разговараме за економската перспектива на Европа, за глобалните предизвици, војната во Украина, состојбите во Заливот и Иран, но и за зголемување на конкурентноста“, рече Мицкоски.
Како што додаде, за ВМРО-ДПМНЕ особено важна тема ќе биде проширувањето на Европската Унија, како и презентацијата на реформите што ги спроведува Владата.
„Наш посебен интерес е разговорот за проширувањето на ЕУ и постигнувањата и реформите што ги реализиравме во изминатиот период како Влада“, потенцира Мицкоски.
